Втор конгрес на патолози - 2016 година
Втор македонски конгрес на патолози со меѓународно учество
(Охрид, 1-4 септември 2016 г.)
Вториот Македонски конгрес на патолозите со меѓународно учество организиран од Здружението на патолози на Македонија се одржа од 1 до 4 септември 2016 година во хотелот Метропол, во Охрид, Р. Македонија. Хотелот Метропол заедно со хотелите Белви и Турист e дел од Метропол езерскиот комплекс сместен меѓу брегот на Охридското езеро и зелените шуми на Националниот парк Галичица . Со оглед дека има и добро опремен конференциски центар истиот се потврди како одлична локација така што од повеќето од учесниците заедно со научната содржина на конгресот и организацијата беше оценет од многу добар до одличен.
На Конгресот учествуваа 189 регистрирани учесници, вклучувајќи ги и 35-те поканети предавачи. Покрај 54-те членови на Здружението на патолози на Македонија на конгресот учество зедоа и многу други колеги од Р. Македонија, како и 93 учесници од различни земји како од соседството – Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, така и од подалечни Европски држави како Австрија, Белгија, Белорусија, Велика Британија, Германија, Италија, Норвешка, Полска, Словачка, Чешката Република, Шпанија, Шведска и Швајцарија, па дури и од Азербејџан и Соединетите Американски Држави. Дополнително на Конгресот зедоа учество уште 16 придружни особи како и 16 други (нерегистрирани) учесници така што вкупниот број на учесници достигна 221.
Научната програма на Конгресот требаше да обезбеди темелен преглед и ажурирање на “жешките теми” во различни области на нашата специјалност, фокусирајќи се на генитоуринарната, гастроинтестиналната, гинеколошката патологија, цитопатологијата и други теми. Научните активности опфатија 5 симпозиуми од областа на генитоуринарната, гастроинтестиналната, гинеколошката патологија, цитопатологијата и други теми во чиј програм беа вклучени вкупно 19 предавања и 4 слајд семинари од областа на патологијата на генитоуринарниот, гастроинтестиналнииот тракт, гинеколошката патологија и цитопатологијата. Три истакнати почесни професори по патологија го споделија со учесниците своето значајно искуство во своите клучни предавања насловени “Молекуларна патологија на колоректалниот карцином” (“Molecular pathology of colorectal cancer” – Niki J. Agnantis, Универзитет на Јанина, Грција), “Динамичната еволуција на патологијата” (“The dynamic evolution of pathology” Hans Konrad Müller-Hermelink, Универзитет на Визбург, Германија), и “Развојот на класификација на човечките тумори – перспектива на СЗО” (“Evolving classification of human tumors: a WHO perspective” – Fred T. Bosman, Универзитетска болница во Лозана, Швајцарија). Освен тоа се одржаа еден предконгресен и 3 конгресни индустриски симпозиуми организирани од комерцијалните компании.
Учсениците поднесоа 112 апстракти (за 47% поголем број во споредба со конгресот во 2011 година), од кои 15 беа прифатени од Научниот комитет за усна презентација (пет сесии), 82 како постер презентации (6 сесии), а 11 беа вклучени како прикази на случаи во рамките на слајд семинарите од областа на генитоуринарната и патологијата на дојка. На шест од авторите на овие избрани прикази на случаи кои поднесоа барања им беа доделени стипендии: За три од нив презентирани на слајд семинарите од областа на генитоуринарната патологија стипендиите беа обезбедени од страна на Здружението на патолози на Македонија, а другите 3 презентирани во слајд семинарот за патологија на дојка во рамките на Работилницата на Европската школа за патологија стипендиите беа доделени од страна на Здружението на патолози на Македонија во соработка со Работната група за патологија на дојка како дел од Европското здружение на патолози. Работните претседателства задолжени за постер сесиите одлично ги завршија своите обврски кои се однесуваа на дискусија со авторите на постерите. Беа избрани и три најдобри постери на чии автори на церемонијата на свеченото затворање на Конгресот им беа доделени дипломи и специјални поклони.
Дел од конгресниот програм беше и еднодневната Работилница на Европската школа за патологија насловена “Патологијата на дојка во 21-иот век” организирана од Работната група на Европското здружение за патолози за патологија на дојка под покровителство на Европското здружение за патолози која се одржа на 3 септември 2016 година. Во работилницата зедоа учество 165 учесници, 81 од Р. Македонија и 84 од други 24 земји од Европа, Северна Америка и Азија. Истакнатите предавачи и експерти во областа на патологија на дојката проф. Тибор Тот, проф. Винченцо Еузеби и проф. Ана Сапино во своите предавања ги опфатија најсовремените информации за општата морфологија на лезиите на дојката со фокус на радиолошко-патолошките корелации, инвазивниот и in situ карциномот на дојка, како и предиктивните параметри кај карциномот на дојката и нивното правилно проценување. Во рамките на слајд семинарот беа прикажани 12 случаи на лезии на дојка, од кои 6 беа презентирани од предавачите на работилницата а останатите 6 одбрани од случаевите приложени од учесниците на конгресот. При тоа беа вклучени како бенигни, така и малигни лезии со нагласок на диференцијално-дијагностичките индиции, имунохистохемиските наоди и избрани молекуларни генетски алатки.
Треба да се истакне дека како Вториот македонски конгрес на патолозите така и Работилницата на Европската школа за патологија насловена “Патологијата на дојка во 21-иот век” беа акредитирани од Европскиот совет за акредитација за континуирана медицинска едукација (European Accreditation Council for Continuing Medical Education). Во Зборникот на трудови на конгресот се вклучени in extenso трудови и/или апстракти од предавањата презентирани во рамките на симпозиумите, слајд семинарите и апстрактите од учесниците. На интернет страната за Конгресот http://www.map-mzp.mk/2ndCongress2016/ може да се најдат сите документи вклучувајќи го и Финалниот програм и Зборникот на трудови, како и сите други информации и фотогалеријата.
Повратните информации од учесниците добиени од анонимните анкети за конгресот во целина и посебно за Работилницата беа одлични. Поголемиот дел од учесниците за време на настанот, а и подоцна, лично и преку комуникација со електронска пошта, даде позитивни оценки и коментари како за предавачите, така и за корисноста, образовната вредност и високиот научен квалитет на програмата. Дел од учесниците, исто така, изјавија дека многу им користело нивното присуство на настанот. Извонредната организација на настанот, исто така, беше пофалена од страна на многу учесници во многу прилики во тек на Конгресот, а исто така и во коментарите во анкетата за евалуација. Настанот севкупно од учесниците беше оценет со просечна оценка од 4,82 (од 5).
Социјални активности вклучени на конгресниот програм почнаа со свеченото отворање кое се одржа во Лабино салата на хотелот Метропол на 1 септември кое по поздравните говори кулминираше со прикажување на интересен филм за патологијата подготвен од страна на специјализантите по патологија – членови на Здружението на патолозите на Македонија. Истата вечер следеше коктел за добредојде организиран на терасата на хотелот Белви кој беше збогатен со настапот на акустичниот музички квартет Калевала, кој изведува етно, класична музика и модерен џез.
Во саботата на 3 септември се одржа пијано концертот на нашиот меѓународно признат пијанист маестро Симон Трпчески во црквата Света Софија, едно од најпознатите средновековни зданија во Охрид со фрески од 11, 12 и 13 век позната и по својата извонредна акустичност. Неговиото вдахновено и виртуозно изведување на симфониската свита Шехерезада од Римски-Корсаков ќе се памети како една од главните теми на Конгресот. На крај сите учесници и поканетите предавачи уживаа во тек на завршната заедничка вечера во македонска кујна и музика во хотелот Белви, во неделата, 4 септември.
Се вкупно гледано квалитет на научните сесии, соодветните услови во објектите на местото на одржување на конгресот, како и Охрид, градот со исклучителна убавина на природата, археолошките богатства, 365 цркви, традиционална архитектура и вкусна храна овозможија да се создаде многу стимулативна средина за размена на знаења и искуствa, со што се исполни нашата намера прогласена во мотото на конгресот да соберat на едно место експерти патолози и цитопатолози кои доаѓаат од сите делови на Европа и пошироко, научници и бројни колеги за да се споделат и разменат знаењaта и најновите достигнувања од истражувањата и праксата во различни области на патологијата. Затоа сметаме дека на Вториот Македонски конгрес за патолозите создаде услови на сите учесници да поминат денови на интензивна и конструктивна работа, со можност да се воспостават идна научна соработка и нови пријателски интеракции со колегите од соседните земји, како и од други европски и подалечни земји.
На крај, Здружението на патолозите на Македонија и Организацискиот одбор на конгресот се чувствуваат задолжени и благодарни на многу колеги, кои соработуваа со нас при создавање на програмата, како и на сите поканети предавачи и сите учесници на Конгресот. Благодарни сме и на членовите Работната група при Европското здружение на патолози за патологија на дојка особено на предавачите кои ја организираа и подготвија Работилница на Европската школа а патологија.
Исто така, Организацискиот одбор, изразува благодарност за финансиската поддршка од страна на Европското здружение на патолози за организација на Работилница “Патологијата на дојка во 21-иот век”. Исто така им благодариме на сите институции кои се официјално не поддржаа, потоа на официјалниот организатор на конгресот, и покрај сериозните забелешки за направените пропусти и не секогаш професионалниот однос, како и комерцијалните компании кои финансиски го поддржаа овој настан, и тоа на нашиот златен спонзор, Roche Македонија ДООЕЛ, официјален претставник Хофман-Ла Рош Ltd, нашиот сребрен спонзор Адриамед Ltd., официјален застапник и дистрибутер на Roche Diagnostics, и сите други спонзори и излагачи.
проф. д-р Нели Башеска с.р.
Претседател на Организацискиот одбор
На Вториот Македонски конгрес на патолозите со меѓународно учество
Извештај – Втор македонски конгрес на патолози со меѓународно учество