Прв македонски меѓуконгресен состанок на патолозите со меѓународно учество
Прв македонски меѓуконгресен состанок на патолозите со
меѓународно учество (Скопје, 27-29 мај 2013 година)
Првиот македонски меѓуконгресен состанок на патолози со меѓународно учество чија главна тема беше Лимфомите во Југо-источна Европа се одржа од 27 до 29 мај, 2013 година воМузејот на Македонската борба во Скопје. Состанокот беше организиран од Здружението на патолозите на Македонија во соработка со Интернационалната група за изучување на не-Хочкиновите лимфоми, а под покровителство на Министерството за здравство на Р. Македонија и Медицинскиот факултет при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје. На состанокот освен 24 поканети предавачи учествуваа повеќе од 140 учесници од Македонија, од соседните и други европски земји (Србија, Косово, Хрватска, Словенија, Романија, Турција, Германија, Англија, Франција, Швајцарија, Унгарија) и САД.
Во рамките на научната програма на состанокот на 28 и 29 мај 2013 година беа одржани две воведни предавања и уште седум предавања во рамките на 4 симпозиуми од страна на петте истакнати професори и експерти по хематопатологија – членови на Интернационалната група за изучување на не-Хочкиновите лимфоми: Ханс Конрад Милер-Хермелинк (Вирзбург, Германија), Денис Веизенбургер (Дуарте, Калифорнија, САД), Барат Натвани (Лос Ангелес, Калифорнија, САД), Жак Диболд (Париз, Франција) и Кенет Мекленан (Лидс, Англија), како и од проф. д-р Ласло Пајор (Печуј, Унгарија), проф д-р Вернер Кемпф (Цирих, Швајцарија) и д-р Стефан Дојчинов (Кардиф, Англија) кои го споделија своетозначајно искуство од областа на хематопатологијата.
Освен тоа беа одржани 3 работилници на кои повеќе предавачи-патолози и хематолози од Хрватска, Македонија и Романија ги презентираа резултатите од Интернационалната епидемиолошка студија на не-Хочкинови лимфоми, во која беше вклучена и Македонија со 220 пациенти. Во рамките на состанокот во посебна сесија беа изнесени седум избрани усни предавања од областа на хематопатологијата и хематологијата подготвени од предавачи од Србија, Словенија и Македонија и 7 постер презентации, а се одржаа и два сателитски симпозиуми организирани од комерцијалните компании Хофман-Ла Рош и Новартис. Финалната програма и Книгата со предавања и апстракти се достапни на интернет адресата на состанокот.
Освен работниот дел за учесниците беа организирани социјални активности како коктелот по повод свеченото отворање кое што се одржа на терасата на Музејот на Македонската борба и заедничката вечера на сите учесници и поканети предавачи.
Богатиот и добро избран научен програм, заедно со одличните услови за одржување во Музејот на Македонската борба и нашиот главен град полн со историски знаменитости и познат по своето гостопримство, овозможија на состанокот не само да се разменат знаења и искуства од областа на хематопатологијата, туку и да се воспостават многу професионални и лични контакти меѓу учесниците и да се отворат можности за натамошна соработка.
На крај би сакале да ја искористиме оваа можност да им се заблагодараме од името на Македонското здружение на патолозите и Локалниот организациски комитет на состанокот на сите присутни учесници, на поканетите предавачи, особено на членовите Интернационалната група за изучување на не-Хочкиновите лимфоми, на сите институции кои не подржаа во организацијата пред се на Министерството за здравство на Р. Македонија и Медицинскиот факултет при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје, како на спонзорите и тоа компаниите Хофман-Ла Рош, Фармахем (Дако), Новартис, Алкалоид, Би-ел и Салвус без чија помош и поддршка немаше да може да биде реализиран овој успешен, стимулативен и инструктивен како од научен, така и од социјален аспект настан.
проф. д-р Нели Башеска
претседател на Здружението на патолози на Македонија
проф. д-р Гордана Петрушевска
претседател на Локалниот организациски одбор
Извештај – Прв македонски меѓуконгресен состанок на патолозите со меѓународно учество