Прв конгрес на патолози - 2011 година

Прв македонски конгрес на патолози со меѓународно учество
(Охрид, 12-16 октомври 2011 г.)

      Првиот македонски конгрес на патолозите со меѓународно учество се одржа во хотелот Метропол во Охрид од 12 до 16 октомври 2011 година. Конгресот беше организиран од Македонското здружение на патолозите.
         На Конгресот учествуваа повеќе од 150 учесници, заедно со 38 поканети предавачи. Освен педесет и четирите членови на Здружението на патолози на Македонија, на Конгресот присуствуваа и многу други колеги од Македонија, како и 26 поканети предавачи и 42 учесници од соседните земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора), други европски земји (Австрија, Белгија, Данска, Германија, Турција, Франција, Холандија, Чешка, Швајцарија, Шпанија) и САД.
        Во рамките на научната програма на Конгресот беа одржани 7 симпозиуми од областа на гастроинтестиналната, пулмоналната, гинеколошката патологија , потоа од патологијата на дојка, меки ткаења и коски, цитологијата и друга патологија. Во рамките на овие симпозиуми беше презентирано 31 предавање, заедно со едно предавање од областа на хематопатологијата. Беа организирани три сателитски симпозиуми од комерцијални компании, три слајд-семинари од областа на хируршката патологија, хематопатологијата и патологијата на дојка и беа одржани три воведни предавања. Четворица истакнати професори по патологија – Ханс Конрад Милер-Хремелинк (од Универзитетот од Вирзбург, Германија), Џовани Де Петрис (од Клиниката Мајо, Аризона, САД), Хозе Игнацио Лопез (од Универзитетот на Баскија, Билбао, Шпанија) и Хусеин Ситки Тузлали (од Универзитетот на Истанбул, Турција) ги споделија своите значајни искуства преку предавањето од областа на хематопатологијата и трите воведни предавања.
           Покрај споменатите предавања, на Конгресот беа изнесени 13 усни и 60 постер- презентации на учесниците од сите области на патологијата. Крајната програма на Конгресот е достапна на интернет-адресата (http: //www.pathology2011.com/). На завршната церемонија, на авторите на трите најдобри усни и постер-презентации им беа доделени посебни дипломи и специјални награди. Во рамките на Конгресот, на 14 октомври се одржа и Европска школа за нефропатологија, поддржана од ЕРА- ЕДТА (Европското бубрежно здружение и Европското здружение за дијализа и трансплантација) и од Работната група за нефропатологија при Европското здружение на патолози. На Школата, која се евалуираше како КМЕ- активност, покрај патолозите, учествуваа и нефролози, педијатри и лекари од други специјалности, односно вкупно 60 учесници кои имаат интерес во оваа област. Во рамките на програмата на Школата, проф. д-р Михаел Михач, претседател на Работната група за нефропатологија на Европското здружение на патолози, и уште десет други предавачи одржаа предавања во кои беа изнесени најсовремени сознанија за болестите на гломерулите, тубуло-интерстицијалните болести и трансплантациската патологија. Сите предавања одржани во рамките на Школата се достапни на интернет-адресата на Работната група за нефропатологија во рамките на Европското здружение на патолози (http://www.nephropathology-esp.org/). Освен тоа ЕРА-ЕДТА даде две стипендии на млади патолози кои имаат интерес од областа на нефропатологијата.
Покрај работниот дел на Конгресот, за учесниците беа организирани и социјални активности како коктелот по повод свеченото отворање коешто се одржа во салата Билјана во хотелот Метропол, потоа концертот на триото Скопје – организиран во црквата Св. Софија во Охрид и заедничката вечера на сите учесници и поканети предавачи.
Богатата и добро избрана научна програма, заедно со добрите услови за одржување во хотелот Метропол и нашиот Охрид полн со историски знаменитости и со прекрасното Охридско Езеро овозможија на Конгресот да се разменат знаења и искуства, да се воспостават многу професионални и лични контакти меѓу учесниците, како и да се отворат можности за натамошна соработка и усовршување на кадри во бројни врвни институции од овие области низ целиот свет.
Управниот одбор на Македонското здружение на патолозите заедно со Организацискиот и Научниот одбор на конгресот со својот ангажман и залагање обезбедија одлични услови за успешна реализација на овој историски Прв македонски конгрес на
патолозите. За одбележување е и тоа што Конгресот се одржа во годината во која Здружението на патолози на Македонија слави 40-годишнина од своето основање.
Гледано во целост, македонските патолози потврдија дека имаат капацитет за организација на еден ваков многу успешен настан, а истовремено покажаа дека практикуваат современа дијагностичка патологија и дека се залагаат во своите научни проекти да ги воведаттехнолошките напредоци кои беа истакнувани во сите научни сесии на Конгресот.
На крај, би сакале да ја искористиме и оваа можност за да им се заблагодараме од името на Македонското здружение на патолозите и Организацискиот комитет на Конгресот на сите присутни учесници, на поканетите предавачи, на ЕРА-ЕДТА и Работната група за нефропатологија на Европското здружение на патолози, на сите институции кои нè подржаа во организацијата, како на спонзорите и тоа генералниот спонзор – компанијата Hoffmann – La Roche Ltd, како и Адриамед – официјалниот претставник на Roche Diagnostics во Македонија, Фармахем – авторизираниот претставник на Dako производите во Македонија, Варус претставникот на Merck во Македонија, Алкалоид, Новартис и Би-Ел инженеринг од Струмица, без чија помош и поддршка немаше да може да биде реализиран овој успешен настан, стимулативен и инструктивен како од научен, така и од социјален аспект.

проф. д-р Нели Башеска
Претседател на Здружението на патолози на Македонија
проф. д-р Весна Јаневска
Претседателот на Организацискиот одбор
проф. д-р Гордана Петрушевска
Претседателот на Научниот одбор

Извештај – Прв македонски конгрес на патолози со меѓународно учество