д-р Милан Јовановски

In memoriam

д-р Милан Јовановски

редовен професор во пензија
(1932-2015)

Проф. д-р Милан Јовановски е роден во 1932 г. во Тетово. Основното и средното образование го завршил во Скопје, а во 1960 г. дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје. По завршувањето на лекарскиот стаж стапил на работа во Институтот за патологија, а во 1962 г. е избран за асистент. Специјалистичкиот испит го положил во 1967 г., а по четири години го одбранува хабилитациониот труд „Микроскопски промени во дисеминирана интраваскуларна коагулација кај фулминантни форми на хепатитис“.

Во 1973 г. проф д-р Милан Јовановски е избран за доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, во 1979 г. бил избран за вонреден професор, а во 1989 г. тој станува редовен професор на Медицински факултет.

Проф. д-р Милан Јовановски својата надградба од областа на патологија ја стекнал преку стручни престои во Војно-медицинската академија во Белград, Институтот за биолошки истражувања „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб, како и на Државниот имунолошки институт во Стокхолм. Во 1982 г. избран е за директор на Институтот за патологија и со еден прекин останува на таа функција до крајот на својата кариера. За раководител на Катедрата за патологија бил избран во 1983 г. и со повеќе прекини на таа должност останува до крајот на својата кариера. Во 1988 г. проф. д-р Милан Јовановски станува декан на Медицинскиот факултет, а во периодот 1992 – 1996 г. бил проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.      

Тој активно придонел за формирањето на Стоматолошкиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ. Во периодот од 1962-1965 г. е избран за наставник по патолошка анатомија на Медицинскиот факултет во Ниш, каде што е и еден од основачите на Институтот  за патологија. Во истиот период бил избран за асистент на белградскиот медицински и стоматолошки факултет.

Има објавено повеќе од 70 научни стручни трудови и е автор на учебникот Основи на патологијата, издаден во повеќе изданија, наменет за учениците од средното медицинско училиште.

Периодот во кој проф. д-р Милан Јовановски го води Институт за патологија како директор и шеф на катедрата е одбележен со перманентен стручен и научен растеж на патологијата. Во овој период Институтот за патологија станува значајна едукативна, дијагностичка истражувачка база на Медицинскиот, Стоматолошкиот факултет, како и други институции од поранешните простори на Југославија. Тој е ментор на голем број на студентски теми и носител на голем број научно-истражувачки проекти од областа на здравството на Македонија. Посебно место во историјата на патологијата во државата како и на поранешните простори од Југославија зазема неговата улога на основоположник заедно со неговите соработници на три значајни лабораториски дијагностички техники кои и денес се незаменливи, а тоа се имунофлуоресцентната лабораторија, лабораторијата за електронска микроскопија и имунолошката лабораторија.

Проф. д-р Јовановски обавувал значајни општествени активности и бил член на повеќе асоцијации во државата, пошироките југословенски простори и на Европското здружение на патолози. Во периодот 1971-1983 година проф. д-р Јовановски бил претседател на Македонското лекарство друштво, а потоа и претстедател на Сојузот на лекарите на Југославија.

Добитник е на повеќе награди и признанија од Универзитетот во Скопје и Ниш, како и од Македонското лекарство друштво. Тој е добитник на Орден заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на Републиката со бронзен венец, Орден на Републиката со сребрен венец, Повелба на Македонско лекарско друштво „Д-р Трифун Пановски“ и други благодарници по повод јубилеите од повеќе институции во Македонија и од поранешните југословенски простори.

Проф. д-р Милан Јовановски успеа да создаде европски и светски признаени кадри од областа на патологија. Проф. Јовановски беше тивок и скомен, а едновремено цврста и решителна личност која умееше ненаметливо да даде совет и на ист таков ненаметлив начин да пофали и да се радува на успесите на помладите. Тој знаеше умешно да се спротивстави на сите неправди. По неговото пензионирање тој продолжи да се грижи за нашата работа преку ретките, но значајни посети на Институтот.

Проф. д-р Молан Јовановски ќе остане запаметен по својата работливост и посветеност, по скромноста и издржливоста како и по животната радост и ентузијазмот кои ги  поседуваше. Горди сме што го имавме проф. д-р Милан Јовановски како наш учител и како човек кој знаеше да ни го покаже патот на вистината и праведноста.

 

СЛАВА МУ!

Проф. д-р Гордана Петрушевска

Директор на Институтот за патологија, Медицински Факултет, УКИМ, Скопје  

Претседател на Здружениeто на патолози на Македонија