д-р Епса Урумова
In memoriam
д-р Епса Урумова
редовен професор во пензија
(1922-2013)

Во декември 2013 ја испративме нашата драга професорка проф. д-р Епса Урумова на нејзиниот долг пат до вечноста. Проф. д-р Епса Урумова е родена во 1922 година во Велес, каде го завршува основното и средното образование. Медицинскиот факултет го завршила на факултетите во Белград и Софија во 1948 година, со прекин на студиите во периодот 1944-1945 заради учество во санитетот на НОВ. Таа зедно со проф. д-р Милун Кнежевиќ и проф. д-р Драгослав Милетиќ е основоположник на Институтот за патологија, како дел од основоположувањето на Медицинскиот факултет во Скопје.
Во 1949 година е избрана за асистент на предметот патолошка анатомија. Специјалистичкиот испит го положила во Сараево во 1955 година, а по четири години го одбранува хабилитациониот труд „Интерстицијална плазмацитна пневмонија кај доенче“. Во 1960 година проф. д-р Епса Урумова е избрана за доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, а од 1974 година таа е редовен професор. Таа е еден од учесниците кои активно придонеле за формирање на Стоматолошкиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ. Во периодот од 1962 до 1965 година е избрана за наставник по патолошка анатомија на Медицинскиот факултет во Ниш каде што е и еден од основачите на Институтот за патологија.
Својата надградба на знаењата од областа на патологија ја има обавувано преку стручни претстои на Институтите за судска медицина и патологија во Белград, Загреб, Љубљана како и на Институтите за патологија во Дизелдорф и Келн во Германија. Има објавено повеќе од 100 научни стручни трудови.
Периодот од 1972 до 1982 година, во кој проф. д-р Епса Урумова го води Институт за патологија како директор е одбележен со перманентен стручен и научен растеж на патологијата. Во овој период Институтот за патологија станува значајна едукативна, дијагностичка истражувачка база на Медицинскиот, Стоматолошкиот факултет, како и други институции од поранешните простори на Југославија. Таа е ментор на голем број на
студентски теми и носител на голем број научно-истражувачки проекти од областа на здравството на Македонија, посебно за дејството на одредени хемиски материи и загадувачи врз морфологијата на клетките.
Проф. д-р Урумова била член на повеќе асоцијации во државата, пошироките југословенски простори и на Европското здружение на патолози. Во периодот 1971-1983 година проф. д-р Урумова била претседател на Здружението на патолози на македонија, а од 1980 таа е претстедател на Друштвото на патолози на Југославија. Добитник е на повеќе награди и признанија од Универзитетот во Скопје и Ниш, од Макединското лекарство друштво. Таа е добитник на Орден на труд со златен венец и Орден заслуги за народ со сребрени зраци. Добитник е и на повелбата „Д-р Трифун
Пановски“ и благодарнци по повод јубилеите од повеќе институтции во државата и од поранешните југословенски простори.
Проф. д-р Епса Урумова тивко и незаблеживо одговараше на сите предизвици во нејзиното работење и во водењето на Институтот за патологија. Таа успеа да создаде европски и светски признаени кадри од областа на патологија. Проф. Урумова беше тивка и скомна, а едновремено цврста, решителна и внимателна особа која умееше ненаметливо да даде совет и на ист таков ненаметлив начин да пофали и да се радува на успесите на помладите. Таа знаеше умешно да се спротивстави на сите неправди. По нејзиното пензионирање таа не престана со своите активности. Продолжи да ни ја пренесува љубовта кон патологијата но и љубовта кон уметноста, за што сведочат многуте уметнички слики изработени од нејзината рака. Во секое делче од тие слики се внесени делови од патологијата на човековото битие, со која ние бевме секојдневно опкружени. Таа ќе остане запаметена по својата работливост и посветеност, по скромноста и издржливоста како и по животната радост и ентузијазмот кои ги поседуваше. Ние се гордееме што ја имавме проф. д-р Епса Урумова како наш учител и како човек кој знаеше да ни го покаже патот на вистината и праведноста.
проф. д-р Гордана Петрушевска
Директор на Институтот за патологија
Медицински факултет, УКИМ, Скопје
проф. д-р Нели Башеска
Претседател на Здруженито на патолози на Македонија